
ОПШТИНСКИ НАТПРЕВАР ПО ПРВА ПОМОШ
Во просториите на ООУ „Блаже Конески“ се одржа 49-от Општински натпревар по прва помош, на кој учествуваа екипи од сите основни и средни училишта во градот.
Екипите, составени од по шест ученици, ги покажаа своите знаења и практични вештини на три пунктови, каде што се соочија со различни симулирани повреди. Нивната работа беше внимателно следена и оценувана од страна на судии со богато искуство во областа на првата помош. Според постигнатите резултати и начинот на изведба, може да се заклучи дека учесниците оваа година демонстрираа високо ниво на подготвеност, сигурност и тимска работа, со што уште еднаш ја истакнаа важноста на првата помош.
Најдобри резултати од средните училишта постигна екипата од ССОУ „Димитрија Чуповски“, додека од основните училишта најдобра беше екипата од ООУ „Васил Главинов“.
Покрај натпреварувачкиот дел, беа поставени и пунктови со забавни активности и дисеминација за Црвениот крст.
Во организацијата и реализацијата на настанот учество зедоа вработените од стручната служба при Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Велес, заедно со 15 волонтери од Клубот на млади.















































